Границите ќе се отворат на 15-ти јуни?

Македонија да ги отвори границите на средината на идниот месец, а  аеродромите да профункционираат на крајот на јуни. Ова е предлогот на Комисијата за заразни болести, но одлуката ќе зависи од состојбата со заболени од Ковид-19 тој период. Под кои услови ќе се патува се уште не е прецизирано. Во меѓувреме додека се затворени границите сите граѓани кои ќе влезат на македонска територија нема да одат во државен карантин како досега, туку треба да имаат тест не постар од 72 часа и ќе бидат пратени во домашна изолација.

Министерството за здравство деновиве го чека одговорот од грчките колеги на писмото дали ќе се бара тест за корона и како да се организира брз проток на патници за да не се создаваат гужви.

Според информации на Сител на Комисијата за заразни болести се разговарало и по отворањето на границите сите граѓани кои ќе дојдат од други земји во кои живееле и работеле изминатиот период да бидат во двонеделна домашна изолација, но ова да не важи за македонските државјани кои ќе одат на летување или на шетање во друга држава.

Ваков е ставот и на министерот Филипче.

-Кога постои масовна посетеност голем број на граѓани кога патуваат, тој тест на некој начин имајќи во предвид дека може да важи 48 часа после тоа може да ја изгуби смислата и не е тоа суштината ниту фокусот, изјави за Сител д-р Венко Филипче.

Инаку Србија од утре ги отвора границите. Нема да бараат ниту тестови ниту карантин за влез на нивна територија, а Грција побара на 15 јуни граничните премини да се отворат  за туристите.