Граничниот премин „Маркова нога“ ќе биде отворен до 2023 година

Граничниот премин „Маркова нога“ меѓу Македонија и Грција кој се наоѓа во Преспа целосно ќе профункционира до 2023 година, соопшти владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Овој премин е затворен повеќе од половина век. Пред да биде затворен од страна на Грција во шеесетите години на минатиот век, жителите на преспанските села од двете страни постојано ја минувале границата. Според нив со отворањето на преминот, ќе заживее туризмот.

- Порано одеа ама пред 60 години, после кога за затвори не помина никој. Сега вртат одгоре, преку Битола, Меџитлија. Сега ќе одат оттука, блиску е за Костур. Со преминот ќе се развие и туризмот, велат жителите на преспанските села.

Од Владата велат дека за сите инфраструктурни зафати ќе бидат потребни 4,6 милиони евра кои ќе бидат обезбедени во рамките на билатералната програма за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција 2014-2020. Дел од средствата ќе бидат и директна помош од Европската Унија, а проектот ќе се реализира во соработка со надлежните институции на двете земји. 

Македонската влада на вчерашната седница ја прифати информацијата за меморандумот за отворање на овој граничен премин и го овласти министерот за локална самоуправа пред претстојната средба на Заедничкиот комитет за следење на програмата, да реализира средба со членовите на комитетот со цел да ги запознае со позицијата на македонската влада по предложениот предлог меморандум.