Граничниот премин „Богородица“ ќе се модернизира

Царинската управа преку проектот за користење средства од Програмата ИПА за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2014-2020 година ќе го модернизира граничниот премин „Богородица“.

„Со договорот за почнување на проектот што беше потпишан на 2 април 2018 година, финансиран од Европска Унија и кофинансиран од Владата на Република Македонија, во износ од 442.500,00 евра, предвидено е до крајот на 2023 година да се извршат повеќе инфраструктурни зафати на ГП ‘Богородица’ и ГП ‘Дојран’. Инфраструктурните зафати ќе овозможат создавање современи услови за давање поквалитетни услуги на премините, што за економските оператори, превозниците и патниците ќе значи олеснување и забрзување на движењето на стоките, како и создавање дополнителни услови за контрола и заштита на граѓаните“, соопшти царинската управа.

Поддршката на Европската Унија, како и на Владата на Република Македонија, преку реализацијата на овој проект, како што се наведува во соопштението од царина, ќе даде голем придонес во олеснувањето и забрзувањето на царинските и граничните постапки и подобрување на прекуграничната соработка. Од таму додаваат дека надградбата на објектите ќе ја зголеми пропусната моќ на преминот за стокови пратки, ќе го намали времето потребно за вршење на граничните формалности и ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција.