Граѓанска иницијатива за вакцинацијата да биде право на избор

Вакцинацијата да биде право на избор а не задолжителна како со сегашниот закон. Ова го бара граѓанска иницијатива од 129 родители, за чиј предлог не се расправаше на вчерашната комисија за политички систем.

Пратениците ќе расправаат за измените на законот по изборите. Родителите кои беа во Собранието велат дека не се антиваксери, туку сакаат сами да одлучуваат дали и кога нивното дете ќе прими вакцина.

-Значи ние не сме против вакцините, но бараме тоа да биде ублажено и сигурно, родителот да знае каква е вакцината, рокот, од каде доаѓа а не да слушаме за вакцини со поминат рок. Да не биде насилно како сега, вели Елена Палевска од граѓанската иницијатива.

Филипче им врати на родителите дека нивната волја не може да биде посилна од правото на детето да биде здраво. Првиот човек во здравството најави дека нема да има невакцинирани ученици во училиштата.

-Нема да дозволиме ниту едно дете да биде запишано во училиште или градинка без да има примено вакцина. Неможе притоа една индивидуална постапка да го загрози колективното здравје, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Забраната за невакцинирани деца во градинка е на сила веќе три месеци со епидемијата од морбили од кој досега има над 800 заразени. Во меѓувреме, се уште стојат запечатени и 624=те МРП вакцини кои имаа декларации сдо поминат рок. Обвинителството отвори предмет за овој случај кон крајот на јануари.