Граѓаните со поделени мислења - како функционира вашиот куќен совет?

Едни немаат ни огласна табла ни куќен совет, други дури и преку сопствен интернет сајт ги информираат станарите за сè што се случува во зградата – кој колку должи, како се трошат парите, кои инвестиции се планираат.

Законот за домување предвидува сите згради со повеќе од осум стана да имаат организиран начин на управување. Има две опции – регистрирање заедница на станари односно куќен совет или назначување надворешен управител односно специјализирана фирма која ќе се грижи за се.

Граѓаните со поделени мислења по ова прашање.

– Подобро да има друг човек којшто ќе решава меѓу нас, инаку секогаш ќе им проблем.

-Куќниот своет е формиран, добро функционира – велат жители на Скопје.

Според Законот за домување заедница на сопственици е форма на управување во станбена зграда. Тоа е изразена согласност на станарите тие самите преку формирано заедничко тело да управуваат со сопственоста која ја имаат.

Заедница на сопственици е правно лице кое се формира со донесување на одлука на повеќе од половината сопственици на посебните делови во една зграда. Законот вели дека за да се формира Заедница на сопственици треба да има најмалку двајца сопственици на посебни делови и најмалку осум посебни делови во зградата.

Со одлуката за формирање на заедница на сопственици, сопствениците на посебните делови се должни да донесат и статут. Статутот е правен акт на зградата со кој се уредуваат сите прашања во врска со управување со зградата, меѓусебните односи на станарите, нивните права и обврски. Со статутот се основа заедницата на сопственици, се утврдува начинот на избор на претседател на заедницата, начинот на донесување на одлуките и на управување со заедницата на сопственици и начин на исполнување на обврските на заедницата. Во статутот се запишуваат сите сопственици на посебни делови и на деловни простории во зградата.

Законот предвидува и дека со зградата може да управува и Управител, кој ќе биде определен од страна на сопствениците на посебните делови. За зградата да биде управувана од Управител, сопствениците на посебните делови донесуваат Одлука за определување на управител. Ваква одлука може да се донесе само доколку зградата има повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови во зградата.

Управителот на станбената зграда ги застапува сопствениците на посебните делови во работите што се однесуваат на управувањето со станбената зграда и води сметка за остварување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за управувачки услуги.