Граѓаните се жалат: Возачите на автобусите со број 60 и 160 ги истоваруваат три километри пред селото

Наместо до селото Матка жителите и туристите кои се возат со автобусите со број 60 и 160 возачите ги истоваруваат три километри пред селото.

Поради тоа за да стигнат до дома и до туристичката атракција на Скопје, жителите и туристите се принудени да пешачат неколку километри, иако според возниот ред на автобусите со овие броеви крајна дестинација им е селото Матка. За овој проблем жителите на Матка неколку пати имаат реагирано и на официјалниот сајт на Јавното сообраќајно претпријатие(ЈСП), пренесува Вечер.

-Зошто ЈСП постојано не остава пред селото, па ние сме принудени да пешачиме и три километри до дома. Не може ли ЈСП да пушти од помалите автобуси кои би не одвезле до крајната станица, пишуваа жителите на Матка.

Според официјалните известување на ЈСП, линиите и тоа најчесто во периодот од мај до септември се скратуваат и тоа до Мечкина Дупка или до војската. Автобусот со број 60 сообраќа од Железничка и од Дексион во Ѓорче Петров до селото. Линијата пак на која вози 160 е од станицата Дексион до Матка и Горна Матка и обратно.

Од јавното претпријатие признаваат дека имаат проблем со скусување на двете линии, проблем, кој како што велат се случува секој втор, трет ден. Ваквата ситуација се одвива цело лето, додека во зиме автобусите сообраќаат до крајните станици на Матка.

– Годинава, речиси да се случува секој втор, трет ден, имајќи предвид дека се зачестени еднодневните екскурзии чии возачи на автобусите, ги оставаат возилата буквално преку цел ден на утврдената траса на 60 и 160. Во случајов, автобусите на ЈСП Скопје се принудени да реагираат согласно условите на терен. Поради непроодност на трасата, по насоки најчесто на сообраќајната полиција, а се случува и по проценка на возачот, линијата не се реализира до крајната дестинација, псочуваат од јавното претпријатие.

Генерално, посочуваат од ЈСП ситуацијата се должи на несовесните возачи, како на приватни возила, така и на автобуси кои реализираат еднодневни екскурзии и буквално се паркираат на места кои се дел од трасата на линијата 60 и 160.