Граѓаните се среќни и задоволни, даваат „петка“ за исчистениот кеј на Вардар

Во главниот град во текот на изминатиот период се спроведуваше акција за чистење на неколку важни локации. Една од нив е скопскиот кеј на Вардар каде што  исчистени се плочките, отстранета е тревата. 

На терен се забележуваат голем број работници кои деноноќно работат за градскиот кеј да добие еден поинаков лик, а фотографиите направени претходно и сега говорат за промената која се случува таму. Со ова кејот добива нов чист и модерен изглед, а граѓаните, без разлика дали се спортисти или пешаци, се среќни и задоволни. 

Аматерските фотографии објавени на социјалните мрежи доволно говорат за промената, а Скопјани се задоволни од новиот лик на градот и со задоволство коментираат дека градскиот кеј никогаш не бил толку чист. 

„Вистинско задоволство е да се вози и пешачи. Порано имаше голема опасност од змии и други животни, но сега е навистина чисто и поинакво. За ова градот има вистински петка“, вели скопјанката Викторија Т. која често спортува покрај реката Вардар.

На оваа тема на крајот на минатата година на својот фејсбук профил градоначалникот Шилегов сподели објава.

После 30 години се чисти кејот од двете страни на Вардар и ќе добие нов лик. Се чисти каменот и коритото на реката, пешачката патека на кејот, се корнат гранки, треви и грмушки со кои е обраснат овој дел од градот, се кастрат дрвјата, се уредува зеленилото и се чисти ѓубрето. Паралелно, екипите на Град Скопје годинава почнаа акција за чистење и уредување на северната страна од кејот на Вардар, на потегот од реката Лепенец до Аеродром, напиша Шилегов на фејсбук.