Граѓаните реагираат: Гробиштата Бутел се како џунгла, затрупани од ѓубре и пожолтени лисја

Минидепонии има на секој чекор, а причина за тоа е што во гробиштата има премалку кошници за отпадоци. Пожолтени лисја ги затрупале гробовите, а на патеките има толку ѓубре што едвај се поминува, се жалат деновиве скопјани на редот и хигиената на градските гробишта „Бутел“.

Велат, најчисто и најуредено е на почетокот на гробиштата, покрај капелата, а колку повеќе се навлегува повнатре, состојбата е се' поочајна.

Граѓаните го нарекуваат овој дел богаташки гробишта поради астрономските цени на парцелите, каде што речиси секогаш е средено и чисто. На периферијата, пак, за да ги посетат гробовите на своите покојни блиските мора да газат во кал, бидејќи повеќето од патеките се земјени.

Во тој дел ниту паднатите лисја не можат да го прекријат насобраното ѓубре од суви цвеќиња, свеќи, хартии, шишиња... На некои делови од гробиштата со метла и со црево не е поминато со години, тревата е висока по половина метар, а гробовите се сраснати со грмушки.