Граѓаните разочарани - зошто Тодоровиќ го затвори "Македонско село"?!

По двегодишно работење утре се затвора комплексот “Македонско село” во Горно Нерези. Одлуката за затворањето ја донесе менаџментот на комплексот и истата ја објави на Фејсбук.

– Од четврток престанува да работи “Македонско село”. Ви благодариме за сите заеднички моменти, убави спомени и посети во изминатите години – стои во информацијата на Фејсбук.

Со одлука на тогашната Влада, сопственикот на ланецот супермаркети “Тинекс“ и на хотелот “Квинс“ – Владимир Тодоровиќ и неговото семејство, беа избрани да стопанисуваат со комплексот “Македонско село“ во наредните 20 години. Постапката за избор на концесионерот ја спроведе владината Служба за општи и заеднички работи. Кои се причините што по само две години работење се става клуч на врата на оваа скопска туристичка атракција, побаравме лично од Тодоровиќ, но тој не се јавуваше на нашите телефонски повици.

Граѓаните, секој од своја гледна точка, ја примија и искоментираа веста на социјалните мрежи. Гафур Амети праша: И сега што? Ќе се продаваат куќите една по една и ќе се направи елитна населба? Можеби тоа и беше планот од самиот почеток, коментира тој.

– Со сила убавина нема. Од почеток беше пропаднат проект и само се чекаше време кога ќе дојде таков момент. Економски не е исплатлив, приватна фирма не може да опстане, а државни пари многу лесно се трошат. Сепак, штета за таков објект така да заврши – напиша Мики Симоновиќ.

– Штета, единственото нешто што ми се допаѓаше од проектот Скопје 2014 – коментира Радмила Димовска.

– Само државата е оштетена, затоа никој не се потруди да заживее комплексот. Последниот пат кога бевме, во продавницата за ракотворби еден млад продавач само што не не истепа, буквално не избрка. Наводно имал работа, а ние бевме со странци кои баш сакаа да купат некои сувенири за подарок. Се засрамив пред луѓето, и тогаш знаев дека вака нема да тераат долго. Сега оевци – моевци ќе си ги “купат” куќите и толку – вели Тања Докузова.

Комплексот беше најмногу посетуван од странски туристи. Фани Ривингтон напиша дека не може да поверува дека комплексот во Горно Нерези се затвора.

– Срцето ми се скрши. На мојата фамилија ова и беше омиленото место. Единствено место за туристите. Бидете мудри да привлечете туристи и набрзо вратете го повторно ова место – напиша Ривингтон.

Комплексот за посетители беше отворен на 22 јуни 2016 година. За изградба на куќите во стилот на традиционалната македонска архитектура беа вложени 5,2 милиони евра, за внатрешно уредување 1,3 милиони евра, 24.000 евра беа потрошени за електромобили кои служеа за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра беа потрошени за патоказите и ознаките на комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

Покрај одмор на падините на Водно, “Македонско село“ беше и музејска поставка на предмети, носии, сувенири, презентација на стари занаети и обичаи. Опфаќа 12 автентични куќи во архитектонски стил карактеристичен за различни региони во земјава. Секоја куќа е изградена со камен карактеристичен од тој крај, а имаат и различен чардак. Десет од куќите имаат два ката, додека струшката, галичката и реканската куќа се изградени на три нивоа.