Граѓаните од Ченто на нозе: Нема да дозволат зависици да се лекуваат на исто место со нивните деца

Откако граѓаните на општина Аеродром кажаа гласно НЕ за зависниците да примаат терапија во „Јане Сандански“, денес се кренаа на нозе и граѓаните на населба Ченто.

Тие излегоа на протест по најавата на министерот за здравство Венко Филипче, дека дел од зависниците од Кисела Вода ќе завршат во нивната населба.

Инаку, пациентите кои се вклучени во програмата за третман и превенција на зависности ќе можат да добиваат метадон на пет локации кои им се најблиску до местото на живеење, односно во поликлиниката во населбата Ченто, во поликлиниката „Јане Сандански“, во Психијатриска болница-Скопје, на веќе познатата локација во општина Кисела Вода и во Градската општа болница „8 Септември“.

По повеќегодишниот отпор од граѓаните на Кисела Вода и цврстото НЕ од оние од Гази Баба, Министерството за здравство најде ново решение. Зависниците ќе ги распредели во други општини. Стравот кој го имаа родителите од Кисела Вода и Гази Баба, сега оди на терет на граѓаните од Аеродром, Ченто и Карпош.

Министерот за здравство потврди дека со дисперзијата што ја прават, во Центарот за зависности во Кисела Вода ќе останат само мал број на корисници на метадон и не очекуваат проблеми со локалното население.

Граѓаните од Ченто велат дека ова е само првиот чекор во нивната битка да не дозволат зависици да се лекуваат на исто место со нивните деца.