Граѓаните очекуваат непречено функционирање на институциите, развој и спокој

На својата прва прес-конференција како технички премиер, Оливер Спасовски ги повика членовите на Владата и воопшто на извршната власт да работат одговорно за граѓаните да се чувствуваат спокојно, а институциите непречено да функционираат.

– Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната, институционалната и професионалната одговорност и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија, рече Спасовски.

Врвен приоритет на сите министри во актуелната влада, без исклучок, како што истакна, е да обезбедат континуитет на функционирањето на институциите, на владеење на правото и на демократијата и да се отвори максимален простор за демократска волја на граѓаните да учествуваат во изборот на нова легитимна влада, која ќе продолжи да ја води земјава на вистинскиот пат како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија.

Спасовски нагласи дека сите услуги на граѓаните ќе бидат испорачани во целост, навреме и непречено, независно дали станува збор за субвенциите за земјоделците, помошта на социјалните категории граѓани, покачувањето на платите во јавниот сектори или услугите на администрацијата.

Целта на оваа преодна влада е да организира слободни, фер и демократски избори така што, како што кажа Спасовски, земјава мора да организира избори што ѝ прилегаат на една европска демократија во согласност со меѓународните стандарди.

– Од нашата аспирација за остварување на овие стратегиски цели, произлегуваат и вредностите што треба да ги одредуваат сите наши постапки во претстојниот период. Високата, европски обоена политичка култура е една од тие вредности. Нашата земја се препознава како успешен модел што го унапреди концептот за развој на едно, еднакво и праведно општество за сите, посочи Спасовски.

Случувањата во МВР, прв поголем проблем во функционирањето на техничката влада 

Првиот проблем со функционирањето на техничката влада се случувањата во Министерството за внатрешни работи со назначувањето началник на СВР – Скопје, за што како крајна инстанција мораше да се изјасни и Државната изборна комисија (ДИК), која се прогласи за ненадлежна.

На седницата на Комисијата членот на ДИК, Борис Кондарко, истакна дека Комисијата заедно со Владата и дополнителните министри и заменик-министри се должни и се упатени на меѓусебна соработка посебно, како што рече, кога се работи за предизборен период.

– Сметам дека во овој момент е потребно сите заедно повеќе да комуницираме, да се консултираме, да се координираме и да соработуваме за да не се добива погрешен впечаток во јавноста за евентуални проблеми во врска со организацијата на изборите, истакна Кондарко.

Тој ги повика претставниците на сите институции што се вклучени во организација на изборите да работат професионално и одговорно за да тие бидат успешно организирани.

Спасовски, пак, на прес-конференцијата истакна дека институциите треба да продолжат да функционираат нормално, да ги испорачаат сите услуги кон граѓаните, пред сè одржувањето на безбедноста и стабилноста на Република Северна Македонија, и оти посебно треба да внимава МВР.

– Посебно треба да се внимава во МВР, поради тоа што е многу важно да немаме никакви сериозни закани за безбедноста или, пак, да се предизвикаат одредени постапки што ќе бидат преземени и на тој начин да дојдеме во една ситуација на нестабилност и неизвесност кај граѓаните. Тоа не ни е потребно. Сметам дека не носи ништо добро тоа што ќе создаде хаос. Очекувам сите овие недоразбирања да бидат надминати, изјави Спасовски.

Сите политички субјекти, порача тој, кои учествуваат во Владата, да имаат политички сенс и одговорност, и да не излегуваат надвор од рамките на она што им е дадено како можност со Законот за Влада.

ДИК не е надлежна да одлучува за барања што не се поврзани со изборите 

Назначувањето началник на СВР Скопје од страна на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера стаса пред членовите на Државната изборна комисија, кои се прогласија за ненадлежни да одлучуваат. Членовите на ДИК заклучија дека решението за назначување раководна позиција од страна на министерот за внатрешни работи не претставува акт или документ што се однесува на правни финансиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите.

Членовите на Државната изборна комисија едногласно гласаа за овој заклучок укажувајќи дека не се надлежни да одлучуваат по барањето мислење на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во врска со одлуката за именувањето на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје, која не беше потпишана од дополнителната заменик-министерка во МВР Славјанка Петровска.

– Ние во овој случај немаме надлежност затоа што ова прашање не се однесува на организација и спроведување на изборите. Нивната изборна надлежност е утврдена во член 44 од Законот за Влада, каде што точно во ставот 4 и во ставот 6 пишува кои се надлежностите на техничкиот министер и на дополнителниот заменик-министер во Владата, изјави претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски.

Појаснувајќи зошто ДИК не е надлежна да одлучува за барањето, тој посочи на ставовите 4 и 6 од членот 44 од Законот за Влада.

– Тоа е изворна надлежност на министерот од членот 44 и тие именувања не подлежат на активностите што се дадени од членот 46, 48 и понатаму 47, кои се однесуваат на организација на изборите, рече Дерковски.

Всушност, како што појаснија членовите на ДИК, за именување на Ставрески не е потребен втор потпис, односно потпис од дополнителната заменик-министерка Петровска.