Граѓаните немаат доверба во приватните болници кога е во прашање лекувањето од Covid 19

Граѓаните преферираат и препорачуваат лекување во јавните здравствени установи, односно на Клиниката за инфективни болести  и останатите ковид центри кога е во прашање пандемијата од Covid 19. Слабата кадровска екипираност, високите трошоци и недоволното познавање на лекување на инфективните болести се причините поради кои изборот паѓа на јавното здравство. Од друга страна јавните здравствени уснови кубурат со простор, но располагаат со доктори и специјалисти кои се стручно и ја познаваат работата. 

Дискусија  во една од фејсбук групите наменети за споделување совети за коронавирусот покажува дека довербата во јавното здравство за лекување од Ковид 19 е висока, а граѓаните имаат сомнеж во приватните болници. Искуствата на пациентите покажуваат дека јавното здравство нуди поквалитетна грижа и постручен персонал.

Веќе подолго време во јавноста кружат потврдени информации дека во една од познатите приватни болници на денот на хоспитализација пациентот треба авансно да плати 12 илјади евра доколку сака да биде хоспитализиран, додека во друга приватна болница лекувањето чини околу илјада евра на ден, а во просек трае околу дваесет денови.  Тоа што е спорно е фактот дека и речиси ниту една приватна здравствена болница не располага со инфектолози кои може да го водат лекувањето и дека најчесто се употребуваат алтернативни методи, како филтрација на крвта за лекување од вирусот.

Бројот на хоспитализирани пациенти во јавните здравствени установи заклучно со вчерашниот ден ја надмина бројката од илјада лица. Најголемиот дел од нив, 155 пациенти се хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Министерот Филипче во јавноста убедува дека здравствениот систем засега има капацитет да одговори и да пружи грижа на сите пациенти кои имаат потреба од хоспитализација во јавна здравствена установа.