Граѓаните не се информирани за она што се подготвува на ул. Даме Груев

Граѓаните не се вклучени во процесот и не се информирани што значи она што им се подготвува за ул. Даме Груев. Граѓаните треба да знаат дека ниту едно зеленило планирано на друго место нема да им ги замени дрвјата пред прозорците кои ублажуваат загадување и бучава, реагираат од граѓанската иницијатива „На точак“ за планот за проширување на оваа сообраќајница во строгиот центар на Скопје.

- Граѓаните треба да знаат дека повеќе ленти за возила нема да го решат сообраќајниот хаос, туку ќе привлечат повеќе возила во строгиот центар. Граѓаните треба да знаат дека има други начини на решавање на сообраќај во централно градско подрачје. Низ центарот на градот не поминува ниедна велосипедска патека, а кејската е прекината. Низ центарот на Скопје има непроодни тротоари за пешаци и окупирани пешачки зони. Скопје нема ефикасен јавен превоз, додаваат од „На точак“.