Граѓаните не се чувствуваат безбедни кога возат велосипед

Граѓаните не се чувствуваат безбедни кога возат велосипед, без разлика дали се во град или на село.

Според анкетата што минатата година ја спроведе истражувачката агенција М-Проспект, 18,8% од жителите на градовите велат дека најголем проблем при нивното движење со велосипед им е безбедноста, а во селата е дури 48%. Исто така, 10,4%од испитаниците кој живеат во град и 8,8%, кои живеат во село, го посочиле токму недостатокот на безбедност како главен виновник зашто не возат велосипед.

Овие податоци ги поттикнаа во неформалната група “На точак” преку возење на велосипедска тура низ скопските улици која денеска ќе тргне во 17:30 часот од Плоштадот “Македонија”, да ги прашаат институциите кој треба да влијае на подобрување на безбедноста на велосипедистите и пешаците во сообраќајот?

– Скопските велосипедисти ќе ги прашаат институциите за тоа кој е одговорен за високиот број на жртви во сообраќајот, дали одговорните немаат доволно капацитет и волја да се справат со овој проблем, дали мерките кои се преземаат се соодветни кога статистиката покажува дека не вродуваат плод? Дали, можеби сообраќајната инфраструктура на градот придонесува кон зголемување на оваа бројка и истата бара редизајнирање во насока на поголема безбедност на сите учесници – прашуваат од “На точак”.

Повикувајќи се на билтените што ги објавува МВР, “На точак” ги сублимираше податоците на ниво на цела држава.

– Дури 87,5% од пријавите биле за сообраќајка помеѓу велосипед и автомобил, а останатите 12,5% се поделени на други типови на сообраќајки (велосипед изгубил контрола (5%), се судриле велосипед со пешак (3,8%), судир на велосипед со мотор (2,5%) и судир меѓу автобус, велосипед и мотор (1,3%). Речиси две третини, или 63,4% од сообраќајните судири завршиле со тешки последици за велосипедистот. Со смрт завршиле 19,5% од сообраќајните судири, а 9,8% од велосипедистите се наоѓале во животна опасност. За 2,4% од сообраќајните судири не било наведено со каква последица се здобиле велосипедистите – велат од “На точак”.

Светска пракса е градските средини што тежнеат кон поголема безбедност на своите граѓани да преземаат мерки што се насочени токму кон забавување на автомобилите.

– Тоа често подразбира и укинување на специјалните ленти за вртење во десно и лево, зголемување на пешачките премини и острови, стеснување на автомобилските ленти, спроведување на издвоена инфраструктура за пешаци и велосипеди насекаде, подигнувања на коловозот… Со вакви измени, Њујорк, на пример, драстично го намали бројот на жртви на улиците – нагласуваат од “На точак”.

За зголемување на безбедноста на своите граѓани, за илустрација, повеќе земји во светот, како Канада, Холандија, Шведска, Велика Британија и САД, го применуваат концептот “Визија нула”. Концептот подразбира одбирање на стратегии, поставување таргети и цели што се стремат кон нула број на жртви, како и поделена одговорност на оние кои ги дизајнираат и користат патиштата, а не само на оние кои ги користат.