На граѓаните треба да им се даде можност преку рефрендум да можат да го отповикаат еднаш избраниот градоначалник доколку не се задоволни од него, рече градоначалникот на Општина кисела вода и претседател на Заедницата на локални самоуправи (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски денес по форумот на ЗЕЛС „Здружени“ за искоренување на родово базираното насилство. Ѓорѓиевски потсети дека токму тој, поттикнат од случувањата во Град Скопје пред една година и незадоволството кај граѓаните од градоначалничката Данела Арсовска, го навеле да иницира законски измени кои на граѓаните ќе им овозможат не само да го изберат туку и предвреме да го отповикаат градоначалникот од кој нема да бидат задоволни.
„Има состојба, за жал, во Град Скопје која што е таква каква што е и практично беше поттик, пред повеќе од едена година да го иницираме ова. Оној кој што е единствен суверен во државата, а тоа е народот, освен што има можност да го даде мандатот некому, да може предвреме и да го одземе тој мандат. Работните групи работат во тој дел. Ќе треба да се седне и заедно со Министерството за локална самоуправа во наредниот период, да се обединат сите сили околу овој закон. Ќе треба да се вклучи и експертската јавност, јавно да се подискутира на таа тема и отповикувањето, она што генерално треба да се случува, според мене, е граѓаните по пат на референдум да можат да отповикаат градоначалник“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Ова Ѓорѓиевски го нагласил на последната седница Управниот одбор на ЗЕЛС. Процесот за законските измени кои ќе предвидат отповикување на градоначалници добил едногласна поддршка од сите градоначалници во ЗЕЛС.
„Тоа е процес од кој сме засегнати ние, како градоначалници, но сите градоначалници едногласно го поддржуваме тој процес затоа што за жал во државава освен што во моментов ни се случува состојбата со градот Скопје имаме уште многу други неуспешни примери и приказни од минатото каде што се чекало да поминат четири години за некому да му заврши мандатот. Затоа имаме состојби во кои во 21 век решаваме фекални канализации, за жал населени места не се покриени со водоводна мрежа, сега ги решаваме, немаат градинки, немаат училишта и така натаму. Согласно законската регулатива која е во моментов, некој може да биде избран за градоначалник и четири години да ги помине во хибернација и ништо да не сработи за оние кои му ја дале поддршката односно му ја дале власта“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој верува дека во периодот кој следи е можно законско решение кое во перспектива нема да дозволи да ни се повтори ова што ни се случува во Град Скопје или, пак, се случува, а помалку се говори во одредени општини низ државата и сега и во минатото.