Граѓаните може да побараат надомест за оштетено возило од дупките на улиците

Граѓаните коишто претрпеле штета при редовното користење на улиците, којашто е предизвикана заради оштетеноста на истите, имаат право да побараат надомест на настанатата штета од надлежната општина.

Членот 22 од Законот за локалната самоуправа вели “Општините се надлежни за изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти", од што произлегува дека во случај на предизвикана штета заради редовна употреба на оштетените улици, Општината во чија надлежност е одржувањето на улицата е одговорна за штетите предизвикани при редовното користење на истите од страна на граѓаните.

Од Адвокатската канцеларија Ивица Коневски велат дека доколку одејќи кон работа со едно од тркалата пропаднете во дупка и тоа предизвика штета на вашето возило, односно искривување на бандажот, вие имате право на оштета од локалната самоуправа која е одговорна за одржување на тој пат.