Граѓаните може да бараат штета како последица на повреда од нерасчистен снег

Согласно член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа - Општините се надлежни за изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти, од што произлегува дека во случај на здобиена повреда поради улици коишто не се одржуваат, Општината во чија надлежност е одржувањето на улицата е одговорна за евентуалното неодржување на улиците и настанатите незгоди заради тоа.

Адвокатската канцеларија Коневски на фејсбук објави информација со која укажуваат на обврските на надлежните органи, но и на правата на граѓаните во ситуација на нерасчистени улици и тротоари и во случај на настанување на повреда поради нерасчистените улици.

Граѓаните коишто претрпеле штета при редовното користење на улиците, којашто е предизвикана заради оштетеноста на истите, имаат право да побараат надомест на настанатата штета од надлежната општина, велат тие.

Освен граѓаните за своите повреди, штета во услови на оштетување може да се побара и за превозните средства.

За да биде појасно би дале и конкретен пример: возите накај вашето работно место и со тркалото пропаѓате во дупка и притоа ви се искривува бандажот и пропратно се оштетуваат и останати делови од подвозјето, не сте виновни вие бидејќи не сте ја избегнале дупката, таа едноставно не требала да биде таму, велат од адвокатската канцеларија Коневски.