Според Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) јули месец го држи рекордот за вложување во во осигурителни производи. Како дел од причината е резултатот на регистрирани над 85.000 возила за само еден месец
Досега месеци со највисоки вложувања во осигурувањето, според официјалните податоци, беа јануари и јуни со по 1,22 милијарди денари (19,8 мил.евра). Побарувачката за осигурување во јули е за 13 отсто повисока од продажбата на осигурување неживот во јануари и во јуни.
Од сите класи на доброволни осигурувања, очекувано, најмногу пари се вложени во осигурување имот. Граѓани, фирми и институции склучиле над 14.000 договори во кои вложиле 184 милиони денари (3 милиони евра).
На второ и трето место според продажбата на доброволни осигурувања во јули беа каско осигурувањето за моторни возила и приватното (дополнително) здравствено осигурување. Во осигурување на штети врз своите возила (каско) осигурениците во јули вложија 126,3 милиони денари (2,05 мил.евра). Тоа е раст од 9 отсто во однос на јуни годинава.
Од продажбата на приватно здравствено осигурување компаниите акумулирале 105,5 милиони денари (1,7 мил.евра). Продажбата на овој производ во јули е за нијанса помал во однос на продажбата во јуни годинава.
Вредно за истакнување е дека во ек на сезоната на летни одмори продажбата на патничко осигурување достигна ниво од 44,8 милиони денари (728.000 евра). Тоа е 16 отсто повеќе во однос на претходниот месец односно јуни. Раст на продажбата на патнично осигурување од 6 отсто има и во однос на јули лани.
Во најголемата осигурителна класа осигурувањето од автомобилска одговорност, која е воедно и задолжителна со закон со цени регулирани од државата, има најголем раст на продажбата. Во јули компаниите од продажба на полиси (задолжително осигурување кое се купува при регистрации, зелена карта при возење во странство и гранично осигурување за странци кои возат низ Македонија н.з.) инкасирале 693,4 милиони денари (11,3 мил.евра). Во споредба со истиот месец лани во јули годинава продажбата е зголемена за над 60 милиони денари (1 мил.евра).
Продажбата на зелена карта (осигурување за возење во странство) во јули надминала 3 милиони евра и е за 8 отсто повисока од истиот месец лани. Клучен генератор на растот на продажбата е осигурувањето за возење во земјава (ЗАО -задолжителното осигурување од автомобилска одговорност кое се продава при регистрација на возилта н.з.).