Граѓаните колабираат на јавни места – променливото време ги погодува и младите и повозрасните

Пет граѓани колабирале само утринава на јавни места, но и внатре во институции – меѓу нив е и 22 годишно момче. Променливото време, велат докторите влијае на сите, без разлика на возраста.

Луѓето со низок крвен притисок чувствуваат поспаност, вртоглавици и за да си помогнат себеси треба да јадат солена храна комбинирана со многу течности,пренесува Алфа.Кај граѓаните кои, пак, и онака страдаат од висок притисок, при вакви драстични временски промени, притисокот нагло се покачува и тие задолжително мора да ја примаат препишаната терапија. 

Лошата вест за метеопатите доаѓа од метеоролозите е дека ваквото дождливо и постудено време ќе потрае уште неколку денови. Врнежите ќе бидат најинтензивни во четврток особено попладне, кога дождот ќе биде пороен. На повисоките места и на планините, синоптичарите дури најавуваат и снег. Во текот на викендот, пак, поради разведрување, утринските температури на некои места ќе се спуштат под нулата. 

Високите температури и пролетното сонце ќе се вратат од почетокот на следната седмица, кога дневните температури повторно ќе бидат над 20 степени.