Граѓаните да бидат внимателни со брзите кредити

Секој корисник има право предвреме, кога сака, целосно или делумно да го врати банкарскиот потрошувачки кредит. Притоа, според Законот за потрошувачки кредити, точно се знае колку банката може да го „напенали“.

Но, до Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) многу често стигнуваат поплаки од граѓани. Велат дека банките им наплаќаат 30 отсто од целата сума на крадитот што решиле предвреме да го исплатат, а според Законот максималната „казна“ е 0,5 до еден процент.

-Многу често се случува банките да наплатат огромна ставка пенали со што е директно оштетен потрошувачот. Според Законот, кредиторот има право да наплати пенал од еден процент за кредит кој има повеќе од една година, а 0,5 процент за кредит кој има помалку од една година. Ако сте во третата година од враќање на вашиот кредит, а ви  останале уште две години, банката смее да ви наплати само еден процент од вкупната вредност на кредитот. Ние добиваме поплаки дека наплаќаат 30 проценти од целата вредност на кредитот. Ако станува збор за мал кредит од 300 евра не е многу пари, но ако се работи за 100 или 200 илјади денари, тогаш е веќе дискутабилно, вели Стефан Момиќ од ОПМ.

Според него, друг, исто така многу чест проблем е откажувањето од договорот за потрошувачки кредити.

Можете да се откажете од потрошувачкиот кредит во рок од 14 дена иако сте потпишале договор 

-Дали потрошувачот има право да се откаже од кредитот без да изнесува причина? Да. Ако утре одлучите да одите во банка за да земете кредит, задутре можете да го поништите барањето. Исто како кај секој производ. Ваше право е, без никаква наведена причина, во рок од 14 дена да се откажете од земањето крдит. Но, според нашата анализа, оваа ставка е многу често скриена од страна на кредиторот. Банката не ја дава оваа опција, не ја наведува. Затоа и потрошувачот не е свесен дека може да се откаже од земање на кредитот. Практично, се искористува неговата неинформираност, нагласува Момиќ.

Новокомпонирани финансиски друштва ги искористуваат граѓаните

Во последно време се поактуелни стануваат т.н. брзи кредити. За да ги заштити потрошувачите, ОПМ конкретно за овој сегмент поттикна измени на Законот за потрошувачки кредити.

-Измените се реакција на малите, новокомпонирани финансиски друштва кои најчесто се со странски управители, а се дојдени од некоја друга земја во Македонија и притоа нашле дупка во Законот. Сега го искористуваат обичниот граѓанин. Со брзите кредити што ги нудат, не се опфатени луѓето со високи примања, туку оние „обичните“ кои немаат никаков поим во врска со потрошувачките кредити. За земање вакви кредити потребна е само лична карта. Се бараат и примања, но има и такви кои не бараат. Дупката во законот е тоа што за кредит до 200 евра не е потребна никаква кредитна анализа. Институцијата во таков случај не влегува во никаков ризик. Таа е осигурана. Од друга страна, ви нуди кредит со нула проценти камата, што е нереално. Но, на таа нула отсто камата, вкупните трошоци во форма на провизија и потпишување договор, изнесуваат до 200 проценти од кредитот. Затоа ние инсистираме на промена на овој Закон, објаснува Момиќ.

Со законските измени се бара да се ограничат овие вкупни трошоци, да не може да изнесуваат 200 проценти, туку да бидат максимум 55 отсто.

-Во ваков случај, на овие новокомпонирани институции нема да им се исплати да влезат во таков ризик. Сега, со 200 до 300 проценти тие се обезбедени и од десет луѓе двајца да им ги покријат тие средства, се доволни, вели Момиќ.

Граѓаните може да побараат помош од ОПМ

Ако потрошувачот е оштетен, а земал кредит од банка, треба да ја извести Народната банка, ако кредитот му е земен од некое финансиско друштво како овие за брзи кредити, треба да го извести Министерството за финансии, додека пак, ако кредиторот е од трговско друштво, односно продавница, тогаш треба да се извести Државниот пазарен инспекторат.

-Најпаметно е секој оштетен потрошувач да се обрати до ОПМ каде бесплатно ќе добие совет, каде да се обрати и кои се неговите права, наместо да троши енергија, шетајќи по институции, потенцира Момиќ.

ОПМ апелира пред да се земе кредит да се размисли дали е тоа навистина потреба или желба. Доколку се земе, внимателно да се читат условите и договорот. Информира и дека постои алатка т.н. Финансиски калкулатор на која може да се споредат сите видови кредити од сите банки и да се одбере најсоодветниот, наместо да се оди од банка во банка и да се прашува.

-Најдобро е никогаш да не се задолжуваме кај неовластени даватели на кредити. Институцијата што дава кредит треба да е етаблирана на пазарот, да постојат информации за неа, да има искуства од други клиенти. Ако земете кредит, тогаш најдобро е договорот да го имате во писмена форма. Инсистирајте на тоа, порачува Момиќ од ОПМ.