Граѓани преку Фејсбук повикуваат на бојкотирање на наставата во училиштата поради загадениот воздух

Граѓани преку фејсбук повикуваат на бојкотирање на наставата во училиштата поради загадениот воздух.

- Повикуваме на бојкот од страна на учениците, студентите, родителите но и професорите. Сметаме дека овој чекор е неопходен за конечно овој проблем да се разгледа сериозно, стои во образложението на иницијаторите објавено на социјалните мрежи каде веќе имаат повеќе од 3000 заинтересирани.

Од граѓанските здруженија кои се борат за чист воздух ја оправдуваат ваквата мерка и велат дека тоа е единствениот начин кога надлежните не го штитат правото на живот и на здравје. Во период кога болниците се полни со пациенти и граѓаните со денови дишат загаден воздух, активистите велат дека сега нема итни мерки кои можат да ја ублажат состојбата.

- Сега во декември како мерка можат само да ни поделат бесплатни маски со филтри. Неопходна е детална студија за јавниот превоз, да се престане со пробивање на нови возила, бидејќи тоа не е еколошки тип на превоз, вели Драгана Велковска од граѓанско здружение за чист воздух.

Кога светски и европски агенции пишуваат дека македонците дишат најзагаден воздух, за Велковска е апсурдна изјавата на министерот за животна средина кој на прашањето за екстремното загадување, кажа дека не сме Швајцарија. Вели дека тоа покажува колку овој функционер нема интерес за позицијата на која е поставен. Но уште пострашно за активистите е кандидатурата на Скопје за европска зелена престолнина.

- Oва е само едно исмевање со нашите животи, бидејќи не гледаме спроведување на нашите барања, за и да може да аплицираат за тоа. Ова е само за потсмев, луше секојдневно умираат, растре бројот на пациенти со респираторни заболувања, вели Велковска.

И додека за граѓанските здруженија е нејасно како може најзагадениот град да аплицира за зелена престолнина, скопскиот градоначалник е задоволен што е помината првата фаза на изборот.

- Периодот што доаѓа ќе биде период на засилен надзор и следната евалуација е во април 2019. Самиот факт дека успеавме да ја поминеме првата фаза како град, зборува дека Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живееме, изјави Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.

Скопскиот градоначалник се бори за најзелен град со апликација напишана на 150 страници.