Графити во Скопје - уметност или вандализам?

Според едно урбанистичко мислење, уличните графити претставуваат форма на визуелна комуникација и симбол или креативен чин на себеизразување. Според градските и општински власти, графитите се добредојдени на дозволените локации сѐ додека не се прави штета на јавните простори.

Доколку се изложуваат надвор од нив, тогаш станува збор за вандалски чин, а не за креативно изразување. Граѓаните различно реагираат на графитите. Никој, се разбира, не ги сака графитите што се појавуваат на новообоените фасади од станбените згради и за станарите тоа е само вандалски чин.

Градот Скопје и културните институции во негова надлежност работат на промоција и развој на урбаната култура, а графитите се дел од неа. Сепак, мора да се имаат предвид и локациите каде што оваа урбана култура може да се развива. Таа не смее да се прави на недозволени локации, што е казниво во согласност со законските норми. 

Од општината Карпош објаснуваат дека артистите што создаваат графити се, всушност, создавачи и на супкултурата и ги поддржуваат нивните активности ако се реализирани на дозволените места. Но не ги поддржуваат вулгарните пораки и говор на омраза, тоа за нив претставува вандалски чин.

Слободното изразување може да ја развие или уништи урбаната уметност

Уличните уметници што се изразуваат преку графитите создаваат една урбана супкултура, која е дел од сите поголеми градови низ светот. Тие дури и креативно ги дополнуваат урбаниот амбиент и визуелноста на градот. Но во оваа супкултура некогаш се случуваат и злоупотреби и тоа, наместо да ја развие, може дури и да ја уништи оваа урбана уметност. Убав пример за ова е германскиот град Берлин.

Градовите низ светот секојдневно трошат значителни суми пари, отстранувајќи улична уметност и графити во име на чистотата. Исто така, повеќето градови имаат многу повисоки приоритети отколку отстранување графити. Кога станува збор за урбанистичко планирање и прифаќање на уличната уметност, успешна приказна претставува Берлин. Но ова прифаќање на супкултурата и креативното изразување на уметниците го остава градот со графити од секаков вид на поголемиот дел од јавниот простор.