Денес заедно со директорот на ЈП „Градски Паркинг“, градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска изврши увид во работата на претпријатието кое за минатата година бележи значителен финансиски успех, бројни проекти и активности кон обезбедување самоодржливост на претпријатието.
- Според финансиските извештаи на претпријатието, истото има забележано значителни резултати со речиси двојно зголемување на приходите во четвртиот квартал од 2022 година, споредбено со годината претходно. ЈП „Градски Паркинг“ во изминатата година како реализација на мерките од програмата За модерно Скопје, ги намали цените за паркинг услугите на зонските паркиралишта во градот за 25 отсто, а едновремено го консолидираше финансиското работење и ги зголеми платите на вработените. Фокусот останува подобрена безбедност во сообраќајот преку отстранување на возила кои ги блокираат пешачките и велосипедски патеки, како и грижа за животната средина, со превенција на паркирање врз зелени површини, се вели во соопштението на Град Скопје.
За оваа година, ЈП „Градски Паркинг“ планира да обезбеди 1,350 нови паркинг места, како и да започне со проект за изградба на монтажни паркиралишта.
- Започнуваме со имплементација на проектот за целосна дигитализација на паркиралиштата, кој е во пилот фаза. Активно се чистат, реконструираат и обележуваат сите паркиралишта во градот Скопје, а со акцијата за редовно одржување на инфраструктурата и капацитетите на ЈП „Градски паркинг“ продолжуваме во континуитет, соопштија од градот.