Првиот човек на Фондот за здравство, Сашо Клековски информира дека моментално идејата за нов Клинички центар е „малку паузирана“, за да се види кои се потребите. Тој на прес-конференција изјави дека демографијата на населението ни паѓа и со текот на годините, имаме се помалку луѓе, па оттаму мора да се видат бројките на осигуреници и пациенти.
- Од сите капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе има „8 Септември“. Има околу 150м2 по болнички кревети, наспроти Старата градска каде што нема услови за обавување на дејноста. Заради тој капацитет и инфраструктурата околу болницата, очекувано е дека таму ќе се инвестира за да се види колку може да се растовари Клиничкиот центар, во однос на секундарно здравство. Иако, морам да кажам дека во „8 Септември“ се изведуваат и методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најголем потенцијал со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Мислам дека ќе има и нови проекти во „8 Септември“ за да биде доста повеќе од тоа што е сега, рече Клековски, одговарајќи на новинарски прашања.
Почетниот буџет на Фондот за здравство за годинава е 53,4 милијарди, за 7 милијарди поголем од ланскиот. Со парите ќе може да се направи исчекор во здравствената заштита, додава директорот на ФЗОМ. Зголемени се буџетите за дијагностички лаборатории, целта на зголемување е да се подобри покриеност на лаборатории за да се скрати време на чекање за овие услуги.