Градската болница доби полициско обезбедување

Медицинските лица се на мета на насилниците минатиов период. Пред два дена беа нападнати неколку доктори, медицински сестри од Градската болница. Инцидентот бил од поголем обем… Денеска во болницата ситуацијата е мирна, но на влезот има неколкумина полицајци, како превентива.

Ова не било за првпат во оваа болница да се случуваат напади и реакции на придружбата на пациентите кон медицинскиот персонал. Ова болница е мошне оптоварена со приемот на итни пациенти бидејќи се наоѓа во центарот на градот.
Овој напад е веќе четврти инцидент во кој придружбата на пациентите физички се пресметува со персоналот. Претходно во Тетово беше претепан лекар до бессознание, а во Кавадарци и Драчево беа нападнати медицински сестри.

Пред амбулантните ординации имаше поголем број на пациенти кои што чекаа да им се извршат контролни и други прегледи и лекарите ги примаа на закажаните термини. Исклучок беше само просторијата за ургентни случаи каде што ноќеска и се случил инцидентот. Во неа немаше персонал и таа очигледно не работеше. Не се забележуваа трагите од ноќешниот инцидент во кој биле нападнати лекари, медицински сестри и болничари кои во тој период биле дежурни во ноќна смена. Според сознанијата кои ги добивме на лице место, тие биле нападнати во периодот меѓу 2 и 3 часот по полноќ од придружбата на пациент кој бил донесен како итен случај да му се укаже помошта.

-Ова е навистина опасно и недозволиво што се случува. Како лекари веќе стравуваме што може да ни се случи од оние кои доаѓаат тука со пациенти. Колку што разбрав, до инцидентот дошло околу приемот на еден пациент кој имал исеченица. Дежурниот лекар го примил и констатирал дека му е потребна интеврнеција на лекар-васкуларец оти имал повреда на крвни садови. Тој сакал итно да го упати во Клиничката болница „Мајка Тереза“ и по што реагирала придружбата на пациентот. Дознаваме дека нашите колеги не се потешко повредени. Но, зарем треба да стравуваме дека ќе бидеме нападнати ако некому не му се допаѓа како укажуваме помош, ни изјави еден вработен во болницата.
Дознавме дека и болничкото обезбедување не можело да ги смири напаѓачите по што е повикана полицијата.
Како што информира МВР, полициските службеници го привеле С.М.(31) од Скопје поради тоа што во 2.45 часот физички нападнал вработен како обезбедување во болницата и двајца полициски службеници кои извршувале службени дејствија и интервенирале по пријава за физичкиот напад врз вработениот.