Градот Скопје во колапс од постојаните протести и затворени булевари

Блокирани улици и раскрници, тотален колапс во Скопје, е сликата која изминативе неколку години постојано се повторува во Скопје.

Може да се каже дека Скопје со најмногу затворени булевари и улици текот на година во Европа. Постојано некој протестира или пак важни дипломати се во земјава, па и тогаш се бликира градот. Се сеќаваме дека во минатото со месеци беше бликиран булеварот пред Владата каде кампнуваа активистите на шарената револуција, булеварите пред Собранието и судот исто така често се затворени и како да премина во навика ова однесување, па секому кому не му одговараат одредени правила и прописи правдата ја бара блокирајќи улици во периодите од денот кога граѓаните си заминуваат од своите работни места. Граѓаните за затворените булевари и улици најчесто дознаваат преку социјалните мрежи, на ниеден медиум нема известување за закажан протест, а граѓаните се револтирани од ваквиот однос. Во текот на вчерашниот ден беше целосно затворен булеварот кај Мавровка од страна на незадоволните таксисти.

-Ова веќе прераснува во секојдневие, постојано некој протестира и затвара улици. Некој ќе каже, но не е таму од што му е убаво и јас верувам дека тоа е така, но булеварите и улиците најчесто се затворени од десетици граѓани кои во колапс го ставаат цел град. До автокоманда вчера патував, речиси час и половина, бидејќи таксистите ја блокирале раскраницата кај Мавровка. Полицијата не смее да дозволи вакво однесување, тие протестираат бидејќи се отстранети од непрописно место и го блокираат градот. Навистина ова нема смисла и мора да се превземат мерки за затворањето на булеварите, револтирано вели Ивица од населбата Железара.

На социјалните мрежи се објавуваа фотографии од гужвите, а многумина од граѓаните не ни имаа информации зошто е блокиран сообраќајот.

-Никаде нема информација дека некој булевар или улица ќе биде затворен, колку што знам во минатото требаа да се најават таквите блокади и граѓаните да бидат информирани. Ова веќе е претерано, ваква слика веќе две години е во нашиот град и никако да престане. Вчера на социјални мрежи дознав дека таксисти ја блокирале раскрсницата кај Мавровка, саат ипол заглавив во гужвите. Сите имаме обврски и навистина не е во ред градот постојано да е во колапс и мене деца ме чекаат дома, вели Весна.