Градот Скопје троши половина милион евра годишно за одржување на фонтаните

Градот Скопје годишно троши од 25 до 30 милиони денари годишно или околу половина милион евра за одржување на фонтаните во Центар. Од Градот велат дека утре на седница на Советот ќе се најде предлог одржувањето на фонтаните да го преземе ЈП „Водовод и канализација“, а средствата од градската каса да бидат пренаманети за капитални проекти.

„Одржувањето на фонтаните од 2013 година го вршеше Градот Скопје, за чија цел се склучени неколку договори со ДГ ‘Бетон’, за што од градскиот буџет се одвојуваа од 25 до 30 милиони денари годишно. Средствата што досега беа користени за оваа намена, во иднина ќе бидат пренаменети за реализација на капитални проекти“, велат од Градот Скопје.

Со истата одлука, исто така, Град Скопје се обврзува да ги подмирува сметките за потрошената електрична енергија на фонтаните, но нема да одвојува дополнителни средства за нивно одржување.

Со предлог-одлукатa се опфатени следниве фонтани: „Воин на коњ“ и подната фонтана на плоштад Македонија (Матрикс), фонтаните на плоштад Филип II (Карпошово востание), фонтаната на мостот „Око“, фонтаните на плоштад Богородица, фонтаната во паркот Жена борец и фонтаната на плоштад ВМРО.