Градот се откажа од кредитот за луна-паркот, ја намали и таксата за закуп на јавен простор

Град Скопје ја намали комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари за квадрат, колку што е минималната цена дозволена со закон за цела 2020 година, и ја намали фирмарината за стопанските субјекти од 7.000 на 4.000 денари за 2020, што исто така е законски минимум.

Градоначалникот Петре Шилегов информира и дека Градот го откажува кредитот за изградбата на новиот луна-парк и дека ќе подигне нов кредит во иста вредност за изградба и реконструкција на улици и друга инфраструктура која ја работат домашните компании.

Исто така, комуналиите ќе може да се плаќаат на 18 наместо на 12 месечни рати. Ова се однесува за градби со комуналии чиј износ надминува 1 милион евра.

Исто така, им се препорачува на училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба.

„Град Скопје е најголем фактор во македонската економија. Тука се остварува најголемиот дел од нашиот БДП, тука се најголемиот број работни места, тука се остварува најголемиот дел од инвестициите во земјата. Работите не смеат да запрат. Во изминатите две години Град Скопје покажа одлични финансиски резултати. Советот две години по ред усвојува завршни сметки, од кои јасно се гледа дека буџетот е на стабилни нозе и дека може да ги исполни своите цели“, изјави Шилегов.

Тој додаде дека во годишната сметка на Град Скопје за 2019 година Градот остварил повеќе тековни приходи, извршил отплата на главнина по постојното задолжување и притоа остварил суфицит во износ од 528.010.827 денари.

„Притоа, Град Скопје нема ново задолжување во 2019 година ниту, пак, користи дел од средствата што биле префрлени како непотрошени од 2018 година, напротив, имаме кумулирано дополнителен вишок на приходи во износ од 364.424.419 денари. Ваквите финансиски резултати овозможуваат Град Скопје да се откаже од дел од средствата од најголемите приходни ставки (комуналиите, комуналните такси, закупот на јавен простор, градските давачки и сл.) со цел да ослободиме повеќе пари во економијата“, рече Шилегов.

Тој најави дека ова лето улиците во Скопје ќе продолжат да се градат, ќе продолжат да се прават големите паркови кои се почнати, мостовите и реновирањето на јавниот превоз.