Градот мириса на ајвар

Се наближува крајот на спремањето на зимниците. Речиси и да не постои домаќинство кое нема направено барем по некоја тегла од омилениот ајвар. 

Етимологија: Зборот ајвар потекнува од турскиот јазик и значи солена икра или кавијар – па оттука и споредбата на македонскиот ајвар со скапоцениот кавијар.

Септември и октомври се месеци кога традиционално наголемо се подготвува зимница, а градот мириса на ајвар. Е сега, ако сакаме да бидеме искрени, многу помалку и не баш насекаде како до пред неколку години, но сепак, традицијата опстанува.

Иако оваа традиција на производство на ајвар во Македонија е со релативно нов датум, некаде по Втората светска војна, очигледно, правењето ајвар им е важно на Македонците, на кои оваа активност, меѓу другото, им е и повод за маалска и семејна дружба. Имено, како што велат етнолозите, ајварот не е само чин на изработка на зимница, туку и еден вид обред или ритуал кој ги зближува членовите на семејството, па и пошироко, на соседството.