Градот ја отвори вратата за незадоволните потрошувачи

Јавните претпријатија не секогаш ја вршат својата работа во прилог на своите потрошувачи. Во ситуации кога претпријатијата прават неправди кон корисниците, незадоволните граѓани можат да се обратат за помош во Советот за заштита на потрошувачите при градот Скопје.

Ова градско тело постои повеќе од една година и им служи на граѓаните и како место каде што можат да побараат инструкции за постапки и информации каде може да се пожалат за работата на некое претпријатие.

Советот со граѓаните на кои им е нарушено потрошувачкото право воспоставува комуникација преку телефон, преку електронска пошта, а исто така има и граѓани што доаѓаат во нивните простории за да добијат информации како да постапат. 

Во делот на јавните услуги на ниво на градот Скопје и локалната самоуправа најголем број поплаки има за испораката на топлинска енергија и испораката на вода за пиење. Потрошувачите се жалат на превисоки сметки за топлинска енергија дури и во летниот период. Покрај тоа, се жалат и на квалитетот на греењето што го добиваат, а имало група граѓани што велеле дека одреден период од месецот останале без греење и оти не се сразмерно обесштетени. Поплаките во однос на испораката на вода беа во однос на сметките, односно корисниците се жалат дека добиле опомена или известување за заостанат долг од пред повеќе од десет години, за кои некои тврделе дека го имаат платено, но сметките не ги чувале, а дел не можеле да се сетат дали долгот го имаат платено и бараат тој долг да биде анулиран зашто е застарен.

Според последната седница на Советот на градот Скопје од минатата година, каде што се донесе програмата на советот за заштита на потрошувачите на градот Скопје за 2016 и 2017 година, планирано е правење статистика на проблеми на скопска територија и заземање ставови за нивно решавање преку соработка со надлежните институции, државни и инспекциските органи за спроведување на пазарниот надзор.

Покрај тоа, планирани се соработки со Советот за заштита на потрошувачите на Владата на Република Македонија, јавните комунални претпријатија како „Водовод и канализација“, „Комунална хигиена“, „Градски паркинг“, „Улици и патишта“, ЈСП-Скопје, „Паркови и зеленило“, како и другите претпријатија што им нудат комунални услуги на потрошувачите, а функционираат на територијата на градот Скопје, со советите за заштита на потрошувачите од другите општини, организирање посети и работилници за разменување искуства и планирање заеднички активности и со стопанските комори во Република Македонија, организирање работилници и планирање заеднички активности. 

Советот за заштита на потрошувачи се фокусира на редовно информирање и процес на едукација на граѓаните. Во нивните наредни активности се вбројуваат подготовка, печатење и промоција на информативни материјали за правата на потрошувачите, во согласност со законската регулатива од областа на заштитата на потрошувачите.