Градот денес ќе носи одлука за покачување на цената на паркингот

Советот на Град Скопје денеска ќе расправа за поголем број одлуки и програми за работата на Градот Скопје.

Како што информираат од градската администрација на денешната седница Советот ќе решава за Одлуката за изменување и дополнување на ценовникот на услугите  што ги извршува ЈП „Градски паркинг“, односно за измена на цената за час паркирање на јавните површини и на паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ во денови кога ќе бидат прогласени вонредни мерки поради надминување на праговите на алармирање на ПМ10 честички.

Со измената на оваа одлука, Градоначалникот на Град Скопје по прогласување вонредни и интервентни мерки во одредени денови поради загадувањето на воздухот, има можност да даде предлог, на одредени паркиралишта, цената за паркирање двојно да се зголеми само во тие денови. Во случај на енормно загадување на воздухот, ова би се применило во централното градско подрачје, како би се стимулирале граѓаните кои патуваат во овој дел од градот, да користат јавен превоз, се со цел намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалување на количината на издувни гасови од возилата кои го загадуваат воздухот.

Најголемиот дел од граѓаните, односно 87% не веруваат дека новата цена на паркингот која ја најави Градот Скопје ќе го реши или ќе го намали загадувањето во Скопје. Дополнителни 73% не веруваат дека загадување во Скопје воопшто може да се реши. Ова го покажа инстаграм анкетата која Скопје Инфо ја спроведе изминатиот викенд.