Градоначалникот на Нова Градишка во посета на Општина Карпош

Тоше обединува. Потврда за ова,како што наведуваат од Општина Карпош, е и меѓуинституционалната соработка меѓу Општина Карпош и Нова Градишка (Хрватска), која се негува повеќе години. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев имаше работна средба со градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ пред почетокот на денешниот 11. Меморијален фудбалски турнир во спомен на Тоше Проески. Градоначалниците, стои во соопштението, зборуваа за продлабочување на соработката меѓу двете локални самоуправи, а разменија и мислења за актуелните политички случувања во двете земји.

-Хрватска започна да претседава со Советот на Европската Унија. Во таа насока, значајна е поддршката која ја добива нашата земја во евроинтегративните процеси од пријателска Хрватска,наведуваат во соопштението. Градоначалникот Богоев го информираше Гргиќ за актуелните случувања во Карпош.

Пред се, се осврна на фактот дека локалната самоуправа продолжува да се развива и покрај тешката финансиска состојба. Тие беа согласни дека треба да се продолжи и унапреди организацијата на Меморијалниот турнир во фудбал. Затоа што вредностите што ги споделуваше Тоше се цивилизациски вредности: хуманост, солидарност, мир и пријателство.