Градоначалникот на Кисела Вода: На граѓаните ќе им биде исплатена оштета за опожарените станови

Градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски, беше присутен за време на пожарот кој избувна во спроти спортската сала Расадник на улицата „Народни херои“ и изјави дека општината има посебен фонд за вакви несреќни ситуации и дека граѓаните доколку аплицираат ќе добијат финансиска помош.

-Општината си има фондови за вакви несреќни ситуации. Ќе ги чекаме извештаите од МВР и пожарникарите и со тие извештаи граѓаните ќе аплицираат за финансиска помош од општината кои ќе ги одобри Советот. Сакам да им се заблагодарам за храброста кои пожарникарите ја покажаа денеска, рече Темелковски.

Локализиран е пожарот во Кисела Вода во кој беа опожарени три стана од кои еден целосно. При гаснењето повредени се тројца пожарникари од кои двајца вдишале чад, а еден има повреда на раката. Интервенцијата траеше два и пол часа си во неа учествуваа 11 противпожарни возила.

-Ситуацијата е под контрола, спасени се сите граѓани што беа на шести и на седми кат, спуштени се сите долу и сите се во добра состојба. Имаме тројца повредени пожарникари, едниот има изгореници на десната рака, задржан е на Скопските клиники, а другите двајца пожарникари вдишиле чад затоа што немало доволно воздух за да се отворат прозорците. Сега засега се е под контрола, горе нема никој, изјави командирот на Противпожарната единица Владимир Симоновски.

Според него, се уште не е утврдено која е причината за пожарот, но според првичните сознанија изгледа настанал од кујната.

-Најверојатно пожарот настанал од електрична инсталација или од нешто слично. Од топлината е пробиен и спротивниот стан од другата страна. Имаше тежок пристап внатре во влезот и беа зафатени два други стана од пожарот. Во становите Имаше седум луѓе, меѓу кои две дечиња, а другите повозрасни и сите се во одлична состојба. Последната жена што е спуштена имала проблеми со дишење, но сега е на лекарства и е во добра состојба. До вечер граѓаните ќе можат да си влезат во становите, влезот е слободен, посочи Симоновски.