Градоначалникот Марин се сретна со жителите од Стар Аеродром

 Градоначалникот Златко Марин и претседателката на Советот Ивана Цветковска, по барање на станарите на трите воени кули од ул. „Методија Шаторов-Шарло“, вчеравечер одржаа средба во Стар Аеродром.

На средбата градоначалникот им даде уверување на граѓаните дека паркингот зацртан во ДУП-от на нивната локација нема да се гради, туку ќе се задржи постојното зеленило. Уште повеќе, тој им вети дека покрај тоа зеленило, ќе се изгради и нов парк во непосредна близина на овие кули.

Што се однесува до прашањето околу паркирањето во оваа населба, градоначалникот им одговори дека заедно со Град Скопје и Сообраќајната полиција ќе се разгледа можноста за воведување резидентно зонско паркирање и евентуално еднонасочен сообраќај, со што би се избегнал метежот.

На средбата, исто така, стана збор и за други тековни комунални прашања. Тој, исто така, најави дека во близина на нивните згради по барање на граѓаните наскоро ќе се изгради и парк за миленичиња, како и две детски градинки, едната во рамките на ООУ „Блаже Конески“, а другата во рамките на „Црвенкапа“.