По повод светскиот ден на Брајовото писмо - 4 јануари, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, го посетил Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов", каде донирал нови наслови напишани со Брајово писмо. Ваквата информација ја сподели на неговиот Фејсбук профил.
Од самиот почеток на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, воспоставивме традиција секоја година да ја надополнуваме библиотеката на ДУРМДОВ ,,Димитар Влахов" со книги напишани на Брајово писмо. Овие книги се исклучително скапи и тешко достапни, бидејќи ги нема во слободна продажба. Оваа година дониравме популарни дела кои ќе го збогатат фондот на библиотеката и ќе овозможат учениците да уживаат во литература која е дел од нашето културно наследство.
Брајовото писмо веќе 200 години е прозорец во светот за слепите и слабовидните лица. Затоа, ваквите донации не само што го олеснуваат нивното читање, туку значат и поддршка за нивната едукација, интеграција и личен развој. Дополнително, со нашата донација на вакви книги и во библиотеката во Домот на култура во Кисела Вода, овозможуваме овие книги да бидат достапни и за пошироката заедница, што претставува нов чекор во овозможувањето еднакви можности за сите“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека приоритет на општината е да се грижи за лицата со намален вид.
„ Во Кисела Вода се наоѓа првото целосно инклузивно основно училиште, каде што во дворот се поставени тактилни патеки за нивна полесна ориентација. Тактилни патеки поставивме и во општинската зграда, а натписите се напишани и со Брајова азбука. Сето ова е дел од нашите напори за намалување на маргинализацијата и овозможување еднакви можности за сите жители на Кисела Вода. За нас, сите се подеднакво важни!“, потенцираше Ѓорѓиевски.