Градинката „Мимоза“ во Кисела Вода ќе добие нови фасада, прозорци и врати

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, со заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, во Министерството за финансии потпиша договор за реализација на проект за енергетска обнова на ЈДГ „Весели цветови“, објект „Мимоза“.

Објектот „Мимоза“ ќе добие целосно обновена фасада со термичка изолација, нови прозорци и надворешни врати изработени од петкоморни ПВЦ-профили, нови олуци, нови банци и нови опшивки. Во внатрешниот дел на градинката ќе се постави плафонска изолација од стиропор д=10 см. Со оваа обнова децата и вработените, кои поголемиот дел од денот го поминуваат во објектот, ќе добијат позатоплени простории, а ќе се заштедат и финансиски средства, кои во иднина ќе се пренаменат во други цели. Покрај ова, постојната ограда на градинката ќе се бојадиса.

Подобрувањето на условите во градинката ќе бидат подобрени преку Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светската банка.