Со Деталниот урбанистички план кој се спроведува во општина Карпош, се кршат правата на жителите, велат од Независниот градежен синдикат. Уверуваат дека животот на жителите на Трнодол, Жданец, Нерези и околина, е загрозен поради зграда која треба да се гради, а која може да предизвика одрон на земја.
Општината не работи за зачувување на безбедноста на граѓаните и проектот веднаш треба да се стопира, порачуваат од синдикатот.
Од Синдикатот на градежни работници и инженери, велат дека би било подобро доколку градежните активности се изведуваат со пософистицирана машинерија, односно со механизација која копа длабоко 15 метри и не ја нарушува стабилноста на околната земја. Меѓутоа, оваа машинерија е скапа и нема да се искористи за оваа градба, уверува претседателот на Синдикатот, Трајковски. Жителите на населбите Трнодол и Жданец изготвија протесна претставка што вчера ја доставиле до градоначалникот и до советниците на Општина Карпош. Во граѓанската претставка тие велат дека се незадоволни од предложениот нов ДУП за Трнодол, за дел од Козле и за Шпанско село со кој се планира нова градба, која според нив е несоодветна по својот габарит на квалитетот на земјиштето, кое е подложно на ерозија и лизгање. Пред неколку дена градоначалникот на Карпош Стефан Богоев порача дека на местото, кај таканаречениот „чатал“ помеѓу патот за Трнодол и патот за Жданец нема да има зграда. Тој тврди дека во Деталниот урбанистички план кој сега е само во почетна фаза и е на јавна анкета, овде се предвидува парковско зеленило.