Градежни фирми го диктираат сообраќајот во Центар? „Нема ниту знаци, ниту режим“

Граѓаните алармираат за непочитување на сообраќајниот режим во еднонасочните улици во општина Центар, меѓу кои „Христо Смирненски“ и „Владимир Полежиновски“, позната кај постарите скопјани како „Иван Милутиновиќ“.

Според реакциите на граѓаните, проблемот е особено изразен во делови каде што се одвиваат градежни активности, при што, како што велат, се овозможува движење на возила спротивно на утврдениот сообраќаен режим.

„Од кога ‘Христо Смирненски’ е двонасочна улица? Ниту сообраќаен режим, ниту ништо?“, прашуваат граѓаните.

Тие посочуваат и на делот околу хотелот „Глам“, каде што, според нив, на околу 100 метри од улицата „Христо Смирненски“ нема соодветна сигнализација или јасно регулиран режим.

„Нема ниту знаци ниту режим, повторно приватно лице глуми сообраќаец“, реагираат граѓаните.

Прашањето кое го поставуваат е кој е надлежен да интервенира во вакви ситуации и дали градежните компании имаат соодветни дозволи за евентуална привремена измена на сообраќајниот режим.

Граѓаните бараат одговор и од Инспекторатот на Општина Центар – дали има надлежност да постапува доколку се утврди дека градежни активности се изведуваат спротивно на условите или без соодветно регулирање на пристапот и движењето на возилата.

Воедно, се поставува прашањето и за улогата на Министерството за внатрешни работи, односно сообраќајната полиција, доколку се утврди непочитување на поставената сообраќајна сигнализација или се загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Центарци очекуваат општината и надлежните институции да излезат на терен, да ја проверат состојбата и да објаснат дали постои одобрение за ваков режим и кој го контролира неговото почитување.

Во спротивно, останува впечатокот дека на одредени локации сообраќајниот режим може да се менува во зависност од потребите на градежните активности, додека граѓаните се принудени сами да бараат одговор кој е надлежен да го заштити јавниот интерес.