Град Скопје за јавни набавки е џин во потрошувачката во однос на сите други општини

Според вредноста на добиени тендери на општините во 2018 година, фабрика Карпош од Скопје се најде на првото место, додека на втората односно третата позиција се наоѓаат фирми од Пелагонија и Гостивар.

Општините и Градот Скопје за јавни набавки потрошиле 97 милиони евра склучувајќи 3898 договори со 1331 фирма.

По две години намалување, вредноста на јавните набавки на локалните власти во 2018 година е зголемена за 17 милиони евра, односно за 21% во однос на претходната година.

На врвот според договорите за јавни набавки останува Град Скопје со 14 милиони евра, но и со огромен пораст на вредноста на јавните набавки во однос на претходната година од 42%, односно за 4,2 милиони евра.

Тоа значи дека Град Скопје за јавни набавки троши колку и 46 други општини вкупно.

Куманово со 4,9 милиони евра скокна од ланското трето на второто место, додека Аеродром ја загуби позицијата во првата тројка и на негово место годинава се искачи Струмица со набавки во вредност од 4,1 милион евра.

Двете општини кои претходно биле на четвртото и петтото место – Битола и Тетово – паднале на 14-то и 20-то место според вредноста на јавните набавки. И кај двете вредноста на набавките се преполовила во однос на претходната година. Битола од 4 милиони евра паднала на 2,2 милиони евра (-45%), а Тетово од 3,9 милиони евра на 1,7 милиони (-56%).

Ваков значаен пад има и кај Штип која од 2,8 милиони евра, во 2018 имала набавки од само 1,4 милиони евра со што од деветтото падна на 23-то место.

Спротивно, општини кои не биле, а влегле во првата десетка, со значен скок во вредноста на јавните набавки се: Струга (+162%), Гостивар (+90%) и Кавадарци (+57%).

На дното на табелата според вредноста на набавките се три мали општини, сите со набавки под 100.000 евра и тоа: Центар Жупа 96.045 евра), Ранковце (80.081 евра) и Зрновци (65.495 евра).