Град Скопје вработува комунални и инспектори за животна средина

Ден по Владината седница на која се одлучи дека инспектори и полицајци ќе ги бараат загадувачите, Град Скопје објави оглас за вработување на двајца овластени инспектори за животна средина. Огласот е распишан на втори овој месец и трае до 16 ноември.

Тие ќе бидат позиционирани во одделението за инспекциски надзор над вршењето на работите од другите надлежности на Градот Скопје, се вели во објавениот оглас. Треба да имаат најмалку три години во струката и завршен факултет од Природно-математички науки, Техничко-технолошки, Медицински, Биотехнички или Општествени науки по безбедност. Платата ќе им изнесува над 25.000 денари, а од нив се бара да покажат резултати, како инспектори за животна средина во Скопје.

Мерните станици во земјава покажуваат дека претпладнево воздухот е најзагаден во Општина Гази Баба, Миладиновци, па кај Ректорат.

Во Гази Баба измерени се 84 µg/m3 ПМ10 честички, Миладиновци 77 µg/m3, а кај Ректорат мерните станици покажуваат 71 µg/m3 ПМ10 честитки.

Додека на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, метрополата не му личи на депонија, Град Скопје ќе го мобилизира и тимот на комунални инспектори. Бара четворица стручни кадри, со завршено високо образование, без да се напомене од која област, туку да е најмалку четиригодишно, а другиот услов да се биде комунален инспектор на Скопје е тригодишно искуство во струката. Тие ќе треба да ги решаваат комуналните проблеми. И нивната плата ќе биде над 25.000 денари.