
Град Скопје интензивно работи на уредување и подобрување на јавниот простор низ градот, паралелно со реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти.
Во тек е обележување на хоризонталната сигнализација и замена на дотраените сообраќајни знаци на градските сообраќајници, со цел зголемување на безбедноста и подобра организација на сообраќајот.
Истовремено, долж булеварите се поставуваат заштитни столпчиња за заштита на пешачките и велосипедските патеки и спречување на непрописното паркирање и узурпација на јавниот простор.
Активности се спроведуваат и во делот на одржувањето на зеленилото, при што се уредуваат парковите, булеварите и другите јавни површини под надлежност на Град Скопје. Континуирано се чисти и коритото на реката Вардар на територијата на градот.
Во рамки на тековните зафати, се работи и на уредување на пешачките зони во Зоолошката градина, како и на подобрување на пешачката и велосипедската инфраструктура.
Од Град Скопје посочуваат дека јавните претпријатија работат со полн капацитет со цел обезбедување почист, побезбеден и поуреден град за сите граѓани.