Град Скопје со нова офанзива за изградба и реконструкција на градските улици

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска најави измени на програмата за уредување на градежното земјиште со што се создале можности Градот да ја започне веќе најавената градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици во вредност од 760 милиони денари во текот на оваа и дел од наредната година.

До крајот на 2020 година, како што најави Шилегов на прес-конференцијата, ќе бидат завршени тендерските постапки и во голем дел ќе биде започната изградба и реконструкција на следниве сообраќајници – изградба и реконструкција на улица „Теодосиј Гологанов“ кај Клуб на пратеници, булеварска прва фаза на „Македонско-косовска бригада“, изградба и реконструкција на булевар „Никола Карев“ попознат како „Пластичарска“, изградба на улица „Есенинова“ што ќе ги спои општините Кисела Вода и Аеродром, целосна реконструкција на источниот влез на градот на булеварот „Александар Македонски“ од раскрсницата кај Автокоманда до Ченто.

– Ќе се реконструира булеварот „Киро Глигоров“ од мостот Близнаци, реконструкција на булеварот „Видое Смилевски Бато“ од улицата „Февруарски поход“ до булевар „Јане Сандански“. Реконструкција на улица „11 октомври“ од раскрсница со булеварот „Кочо Рацин“ до улица „Филип Втори Македонски“. Реконструкција на „Востаничка“, реконструкција од „Рузвелтова“ до булевар „Мајка Тереза“. Реконструкција на „Никола Парапунов“ кај стара телевизија во Карпош 4. Реконструкција на улица „Никола Карев“ од раскрсница со „Трета македонска“ до раскрсница со булевар „Кузман Јосифовски-Питу“. Реконструкција на булевар „8 Септември“ од булевар „Илинден“ до Хубо маркет. Реконструкција на улица „Џон Кенеди“ од „Македонско-косовска бригада“ до булевар „Христијан Тодоровски-Карпош“. Втора фаза од реконструкција на „Лазар Личеновски“ каде што застанавме минатата година до американска Амбасада. Третата и последна фаза од реконструкција на „Благоја Стефковски“ во Маџари, најави Шилегов.

Следната недела, вели тој, ќе биде пуштен во употреба булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ и додаде оти интензивно се работи на втората фаза на реконструкција на улица „Индира Ганди“, и на првата фаза на булевар „Босна и Херцеговина“.

– Следната недела, завршена е постапката, започнуваме со изградба на втората фаза на булеварот „Босна и Херцеговина“. На крај се активностите за изградба на колекторот, очекувам наредната недела конечно оној дел што беше кај Лисиче, Ново Лисиче према Аеродром затворен за сообраќај скоро половина година, да биде пуштен заедно со целосно новоизградениот булевар „АСНОМ“ во првата фаза и очекувам во текот на наредната година да може да го пуштиме и мостот преку реката Вардар, додаде Шилегов.

Тој очекува годинава да започнат градежните активности и на големата раскрсница кај Момин поток, градежните активности на мостот во Карпош 4, градежни активности каде ќе може да го започнат продолжението на булеварот „Борис Трајковски“ и да ја започнеме третата фаза од булеварот АСНОМ.

Продолжуваме да работиме со засилено темпо, многу интензивно во текот на оваа година во сите скопски општини. Развојот на сообраќајна инфраструктура нема да запре, не смее да запре. Скопје ќе продолжи да ја развива својата улична мрежа. На тој начин директно ќе придонесеме за намалување на економската криза не само во нашиот Град туку и во целата држава. Ова го правиме за доброто на сите нас. Кризата ќе помине, животот продолжува. Чекор по чекор Градот ќе продолжи да се развива, рече градоначалникот.

Прашан за панорамскиот лифт на Градскиот трговски центар, тој рече дека Град Скопје нема ингеренции врз ГТЦ, ниту панорамскиот лифт бил дел од проектот што го финансирале за зазеленување на дел од кровот на ГТЦ.

– Јас лично не се согласив со таквото решението на управата на ГТЦ и во разговор со директорот на ГТЦ побарав тие активности да престанат. Колку што сум информиран тие се престанати и ќе се откаже тој проект… Дали ќе правите фасада барок или панорамски лифт е сосема сеедно ако не го направите на начин на кој треба да биде направено, во овој случај не беше запазена минимум постапката и процедурата и јас тоа многу јасно и гласно го кажав на директорот, верувам дека барем дел од неговата одлука е заради тој наш разговор, додаде Шилегов.