Град Скопје со намален буџет и нови проекти

Град Скопје најави дека на претстојната седница на Советот ќе биде разгледуван Предлог за изменување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година со кој е предвидено намалување за вкупно 27 милиони денари. Ова значи дека наместо предвидените 4.254.000.000, Град Скопје во текот на 2018 година со овој ребаланс планира да потроши вкупно 4.227.000.000 денари.

„Овој ребаланс е подготвен во согласност усвоениот прв квартален извештај за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година. Во првиот квартал остварувањето на приходите се одвива согласно со планираното, а плаќањата на расходите се одвиваат редовно и навремено. Вкупните приходи за овој период од годината се остварени во износ од 1,1 милијарди денари што претставува 17 проценти во однос на планот за 2018 година. Се бележи зголемување од 2 проценти во остварувањето на приходите на вкупниот буџет на Град Скопје во однос на истиот период минатата година, што оди во прилог на одржување на позитивната динамика“, соопшти прес-службата на градот.

Во ребалансот кој ќе се гласа на 20 јуни, најголемите промени во вкупните предвидени средства се однесуваат на Секторот за комунални работи каде е предвидено зголемување на средствата за 67.150.000 денари, како и секторот за сообраќај каде е предвидено намалување за 104.850.000 денари.

Промени во буџетот има и во секторите за планирање и уредување на просторот ( намалување од 17,39 милиони денари), јавни дејности (намалување од 10,36 милиони денари) и локален економски развој. Незначителни промени има и во секторите за информатичка технологија и модернизација, животна средина, образование, меѓународна соработка, инспекторат како и БППЗ на Град Скопје.

Во делот на комуналните работи, како што најави Град Скопје, најголемото зголемување се однесува на реконструкција и подигнување на јавно зеленило каде се предвидени дополнителни 40 милиони денари, а за расчистување на диви депонии предвидени се дополнителни 5 милиони денари.

Во делот на капитални расходи од областа на урбанизмот предвидени се средства кои претходно не беа предвидени а се однесуваат на изградба на улица Ленинова, реконструкција на бул. Никола Карев, изградба на ул Боца Иванова, изградба, одржување и реконструкција на ул. Брадфордска, ул. Македонско косовска бригада, ул. Андон Димитров (Жарко Зрењанин), ул. Живко Фирфов, како и изградба, реконструкција и одржување на мали плоштади.

Во измените на буџетот предвидени се и дополнителни `15,5 милиони денари за основачки влог за новото АД за енергетски дејности со кое граѓаните на Скопје ќе добијат брзо и евтино приклучување на системот на топлинска енергија, како и започнување на процесот на гасификација на Скопје.