Град Скопје: Сите улици се проодни еден час по завршувањето на бурата, сите пожари се изгаснати, паднатите дрвја отстранети

По поројна бура со големи количини на врнежи и силен ветер која го зафати Скопје и регионот, веднаш се активираа службите на Градскиот штаб за заштита и спасување на Град Скопје, кои излегоа на терен за отстранување на проблемите предизвикани од невремето.

Итен состанок одржа Градскиот штаб за заштита и спасување на Град Скопје, на кои учествуваа претставници од Градот Скопје, јавните претпријатија и Противпожарната бригада на Скопје, се координираа активностите за побрзо отстранување на настанатите проблеми. 

- На мерната станица во Зајчев Рид, За 25 минути измерени се 11 литри на метар квадратен. Имајќи предвид дека стануваше збор за пороен дожд, во делови од градот, овие количини се и поголеми. Ветерот дуваше со брзина  од над 80 км/ч. Невремето предизвика наместа поплавени улици, десетици паднати дрвја, откорнати кровови, билборди, прекинати електрични кабли, а на територијата на градот се регистрирани и неколку помали пожари - кажа Емил Дуровиќ, Началник на Градскиот штаб за заштита и спасување на Град Скопје.

Како што извести Дуровиќ, екипите на Градскиот штаб за заштита и спасување на Град Скопје, со целата механизација и човечки потенцијал од сите јавни претпријатија, противпожарната бригада, а помогнати од сообраќајната полиција веднаш излегоа на скопските улици во заеднички напори да се отстранат проблемите.

- Сите градски улици и булевари се проодни еден час по завршувањето на бурата. Сите пожари се изгаснати, паднатите дрвја отстранети, а единствено останува дорасчистувањето по општинските улици каде интензивно работиме заедно со општините – кажа Дуровиќ.