Град Скопје продолжи со третата фаза на главниот цевковод на булеварот Александар Македонски

Градот Скопјe продолжува со третата фаза на градежните работи на главниот цевковод на булеварот Александар Македонски, што во оваа фаза претставува изградба на подземната инфраструктура дел од големиот проект булевар Хрватска. Увид во работата на терен изврши тимот од Секторот за технички работи и развој, заедно со директор на Јавното претпријатие Водовод и канализација Скопјe, Тони Миновски.

„Овој клучен инфраструктурен проект претставува значаен напредок во подобрувањето на системот за водоснабдување на градот. Со реализација на овој проект се формира клучен сегмент од големиот прстен од главни цевководи што ја опслужуваат ниската зона во населеното место Ченто. Со имплементацијата се овозможува подобрување на условите за водоснабдување на секундарната улична мрежа и претставува основен чекор кон оптимизирање на идната функционалност на високата зона.

До денес, успешно се изградени 70% од оваа фаза на проектот, а овој напредок ја нагласува посветеноста на градот и јавното претпријатие за унапредување на инфраструктурните проекти кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на сите жители“, се вели во соопштението на градот.

Од Градот Скопјe посочуваат дека остануваат посветени на инвестирање во инфраструктурни проекти кои го поддржуваат одржливиот урбан развој и го подобруваат секојдневниот живот на неговите граѓани.