Град Скопје: Невреме беше непогода, граѓаните нема да бидат обесштетени

Сите градски улици и булевари се проодни по завршувањето на бурата. Сите пожари се изгаснати, паднатите дрвја отстранети, а единствено останува дорасчистувањето по општинските улици каде интензивно работиме заедно со општините, изјави вчера началникот на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, Емил Дуровиќ.

По невремето со интензивни врнежи и силен ветер што го зафати Скопје и регионот, како што рече Дуровиќ, веднаш бил одржан состанок на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, на кој учествувале претставници од Градот Скопје, јавните претпријатија и Противпожарната бригада на Скопје за координирање на активностите за побрзо отстранување на настанатите проблеми.

Одговарајќи на новинарско прашање, Дуровиќ рече дека граѓаните кои претрпеле штета од невремето нема да бидат обесштетени зашто според УХМР ветрот дувал со брзина од над 80 километри на час, а тоа се води како непогода. 

- Доколку брзината на ветрот е под 72 километри на час штетата ја надоместуваат јавните претпријатија, а над оваа брзина се води како непогода и тоа значи дека нема да бидат обесштетени, рече Дуровиќ.