Град Скопје нема пари за да ги тргне галиите од Вардар

Трите бродови во Вардар кои ги постави ексградоначаникот на Скопје Коце Трајановски  сè уште стојат во коритото на реката. Градоначалникот Петре Шилегов откако дојде на функцијата постојано изјавуваше дека галиите ќе бидат отстранети од коритото на Вардар оти претставуваат опасност, односно при надоаѓање на поголеми води може да дојде до излевање на реката, пишува СДК. 

Откако Шилегов стана градоначалник помина точно една година, но бродовите во Вардар стојат нечепнати, ниту има најави дека наскоро ќе бидат отстранети.

„Наредив да започне постапка за дислоцирање на галиите, во тек се постапките. Како ќе бидат созреани одлуките за носење така ќе бидат објавени“, рече Шилегов во февруари годинава.

Градоначалникот Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека бродовите не се заборавени, туку се работи на изнаоѓање начини за нивно отстранување. Но, брз начин, а тоа да не го чини буџетот на Град Скопје – нема.

„Сурово отстранување на галиите од Вардар буџетот на Град Скопје би го чинело од 7 до 8 милиони евра. Тоа е т.н. урбана опрема со 20 годишни концесиски договори и Градот за жал ги нема тие средства туку-така да ги исплати за таа работа. Постојат други механизми кои ни стојат на располагање и очекуваме дека во блиска иднина ќе можеме да зборуваме за отстранување на две галии. Можно е едниот брод да биде отстранет и до крајот на оваа година“, вели Шилегов.

Студијата за намалување на ризикот од поплави во Скопје направена од УНДП во соработка со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, покажа дека мостовите и бродовите во Вардар за третина ја намалиле проточноста на реката. Во студијата стои дека најновите архитектонски измени во речното корито ја намалиле неговата пропусна способност за 25-35 проценти од првично проектираниот проток од 1,150 кубни метри во секунда, како и дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти.

„Регулираното речно корито на Вардар низ централното подрачје, во текот на изминатите неколку години е предмет на архитектонски промени. По 2010 година, изградени се два нови пешачки моста, а еден мост со панорамско тркало е сè уште во градба. Исто така, измените вклучуваат изградба на три статични бродови во речното корито, наменети за разонода. Со оглед на тоа, моменталната состојба на речното корито на Вардар во Скопје е видливо изменета од проектните параметри, главно поради големите количини на нанос депониран во речното корито и инфраструктурата што зазема дел од попречниот профил“, стои во студијата.

Одлуката за поставување на бродови во Вардар беше донесена во времето на ексградоналникот Коце Трајановски. Две од локациите за бродовите доби фирмата „Фаланга“ сопственост на Давор Андреески, а третата локации под концесија ја зема Стоjан Филиповски, сопственик на ресторанот „Воденица“. Тие според договорот со Град Скопје требаше сами да ги изградат и да стопанисуваат со нив 10 години. Првата галија односно бродот „Ројал Македонија“ беше пуштен во употреба во јуни 2014 година. Бродот кој работи и како хотел на Филиповски почна со работа лани.