Град Скопје не отстапува од намерата да ги ослободи тротоарите за пешаци и за велосипедисти

Денеска заедниците на станари на зградите број 45 и 47 на булеварот Партизански одреди најавија протест со блокирање на булеварот. Причина за протестот е поставувањето на столпчиња каде што овие станари досега непрописно ги паркираа сопствените возила блокирајќи го просторот предвиден за пешаци и за велосипеди.

Во однос на овој проблем должни сме да споделиме со јавноста неколку важни информации:

1. Град Скопје ги поставува столпчињата со цел да го спречи непрописното паркирање на возилата на површини предвидени за пешаци и за велосипеди.

2. Со заедниците на станари на овие две згради одржани се повеќе средби во последните неколку месеци со цел да се изнајде решение за проблемот со паркинг просторот со кој се соочуваат. Станарите изразија подготвеност да престанат да се паркираат непрописно доколку им се обезбеди паркинг во согласност со прописите.

3. На станарите на овие згради им беше понудено на трошок на Градот да се изгради паркинг на местото на гаражите зад овие згради кои зафаќаат многу простор, а се користат како магацински простории. Дополнително им беше понуден бесплатен паркинг кај Универзална сала како период на адаптација до изградбата на новиот паркинг. Предлогот за изградба на паркинг на местото на гаражите сè уште не е прифатен, а за жал друго алтернативно решение не постои.

4. Град Скопје со поставување на столпчиња во последните 6 месеци ослободи простор за пешаци и за велосипеди во вкупна должина поголема од 3000 метри, при што секогаш се водеше сметка да им се обезбедат алтернативни можности за паркирање на засегнатите станари од околните објекти. Притоа беа водени разговори со заедници на станари на повеќе згради каде што беа поставени столпчиња и секаде од Градот беше понудено решение за проблемот со паркирање при што граѓаните покажуваа висок степен за разбирање и подготвеност за надминување на проблемот согласно со законските прописи.

5. Град Скопје нема намера да отстапи од идејата за ослободување од возила на просторите предвидени за пешачки и за велосипедски сообраќај и во таа насока ќе продолжи да поставува столпчиња секаде каде што ваквиот простор е узурпиран. Како и досега, градот останува подготвен да им излезе во пресрет на граѓаните кои објективно немаат алтернативно решение за прописно паркирање.