Град Скопје не може да ја одземе мрежата на БЕГ

Град Скопје не може да ја одземе мрежата на топлинско снабдување на Балкан Енерџи дооел, се вели во одлуката на Државниот ревизор. БЕГ во топловодната мрежа има инвестирано над 7 милиони евра од 2013 до 2019 година, а лиценцата им е со траење до 2047 година. 

Ова го утврдиле од Државниот завод за ревизија во септември 2020 година, а се наведува во вчераобјавениот извештај за работењето на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.

Овој спор настана кога Град Скопје ја запишал мрежата за парно-греење како своја сопственост, но Управниот суд ја уважил тужбата на операторот против Агенцијата за катастар на недвижнини, нагласува државниот ревизор.

– Преземањето на топловодната мрежа може да биде предлог на поведување на меѓународна судска постапка и арбитража од страна на БЕГ, кој располага со лиценца со важност до 2047 година, а врз основа на извршените вложувања во топлификационата дистрибутивна мрежа во градот Скопје во периодот од 2013 до 2019 година кои се проценуваат на околу 7,4 милиони евра – се вели во извештајот на ревизорите.

Државниот ревизор вели дека договорот кој го има операторот е во рамките на приватно облигационо право и дека не може да биде поништен со друга одлука.