Град Скопје наградата на најубав двор ја додели во Пржино- наградени и еколошка компанија и еколошки состав и цртеж

Град Скопје ги додели наградите на најдобрите во традиционалниот градски конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, најубаво уреден двор на куќа, зграда и институција и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта во Скопје.

- Градот Скопје во рамките на традиционалното одбележување на „Денови на пролетта - Денови на екологијата", распиша јавен конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, најубаво уреден двор (индивидуално домување), најубаво уреден двор (институција) и најубав состав и цртеж на тема екологија за ученици од основните и средните училишта. Градот Скопје го реализира овој конкурс со цел потикнување што поголема грижа за животната средина, како и за мотивирање на учениците што повеќе да се грижат за средината во која живеат. Овој проект има одлични резултати во однос на подигнувањето на свеста за заштитата на животната средина и веќе традиционално се одржува секоја година, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Јавниот конкурс беше објавен на 21.03.2017 година и траеше до 16.05.2017 година. Пристигнатите пријави беа разгледани од Комисија формирана од претставници од секторите на Град Скопје.
На традиционалниот градски конкурс на Град Скопје оваа година наградени се: во категоријата најеколошка компанија - Градежен институт Македонија АД Скопје.

Наградата е доделена на оваа фирма која има прикажано успешна примена на стандардот ИСО 14001 и придонес во зачувување на животната средина. Во категоријата најголем придонес за заштита на животната средина и природата е наградена Елколект ДОО. Наградена е компанијата која е колективен постапувач со отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори. Наградата ќе биде донирана на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле.

Во третата категорија, најубаво уреден двор Град Скопје го избра дворот за индивидуално домување на Весна Игнатовиќ од Пржино, додека најубаво уреден двор на институција е на ООУ "25 Мај" Скопје.

Во категорија за најубав составна тема екологија наградата и припадна на Леузана Асани, при ООУ „25 Мај" и за средно образование на Симона Симоновска - СУГС „Раде Јовчески Корчагин" - Скопје.

Во последната категорија најубав цртеж на тема екологија Градот го награди цртежот на
Ева Карамановска, при ООУ „Рајко Жинзифов" Скопје.